По повод 21 февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, денеска во просториите на ЈОУБ „Искра“ се одржа стручно излагање на тема „Мајчин јазик – минато, сегашност и иднина“ од проф. Александар Димитров и литературно читање од ученици од СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.
– Целта на ова одбележување е пред се да се промовира и негува мајчиниот јазик, но и да се промовираат, толерираат и учат останатите јазици во светот. Оваа година прославувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик во нашата библиотека, на наше големо задоволство го реализираме во соработка со ученици од СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани со нивниот ментор професор Александар Димитров. На денешниот настан му претходеше работилница, на која учествуваа учениците и професорот каде се говореше за значењето и важноста на овај ден, учениците направија избор од делата од македонската книжевност кои ќе ги претстават и ќе бидат дел од литературното читање. Истражуваа и забележаа мисли и цитати од познати македонски и светски книжевници, мислители и интелектуалци, кои се поставени на паноата во просторијата на библиотеката, истакна Кристина Ѓоргиевска Атанасова, библиотекар во ЈОУБ „Искра“.
Во состав на денешната програма за одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, вечерва во 19 часот ќе биде промовирана книгата „Запис на кочанската народна песна“ од автор м-р Љупка Стојменова. Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Јованка Денкова, професор на Филолошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.