Започна асфалтирањето на целокупната површина на потегот на улицата „Тодосија Паунов“ – од кружниот тек до Автобуската станица. Оперативата на изведувачот „Жикол“ на овој дел поставува нов асфалтен слој. Асфалт ќе добие и еден поголем дел, широк 1,70 м на лентата каде што беше поставена атмосферската канализација и каде беше пропаднат асфалтот, кој ќе биде на трошок на изведувачот, соопшти Влатко Димитров, помошник-раководител на Секторот за уредување на градежно земјиште во Општина Кочани.
Првиот дел од реконструкцијата се изведува на површина од 1700 метри квадратни, а понатаму кон Агенцијата за вработување ќе се асфалтираат уште 800 метри квадратни. Според Димитров, работите треба да завршат во максимално краток период.
Со оваа реконструкција се очекува улицата на која се поставуваше крак од атмосферската канализација, да се доведе во нормална состојба, на задоволство на граѓаните кои најчесто се движат по неа.