На 4 февруари Советот на Општина Кочани ја продолжи шестата седница, на која се најдоа преостанатите 23 точки од дневниот ред.
Мнозинството во Советот ги усвои извештаите за реализација на Програмата за изградба и одржување на општинските патишта и улици во општина Кочани за 2021 година и за извршениот попис во Општина Кочани за претходната година, како и финансиските извештаи од коалициите „Најдоброто за мојата општина“ и „Обнова на Македонија“.
Советот ја прифати предлог-одлуката за утврдување просечни цени на градежно и земјоделско земјиште за подрачјето на Кочани за 2022 година и предлог-планот за дополнување на Планот за јавни набавки и даде согласност на одлуката за утврдување на висината на вредноста на бодот за исплата на плата на вработените во КЈП „Водовод“.
Поради судир на интереси на двајца членови на Советот и неможноста да учествуваат во процесот на одлучување за точки поврзани со работата на КЈП „Водовод“, не беше усвоен извештајот за работењето на кочанското комунално претпријатие за 2021 година. Прашањето колку гласови претставуваат мнозинство во случаи кога членови на Советот се изземаат од гласање, придонесе за двочасовен прекин на седницата. Поради неприфатеното барање седницата да продолжи откако општинските служби ќе дадат писмено правно толкување, опозицијата ја напушти седницата.
Во продолжение, членовите на Советот го усвоија Планот за работа на КЈП „Водовод“ за 2022 година, дадоа согласност на одлуката за зголемување на цената на метар кубен геотермална вода; ги прифатија предлог-одлуките за давање на КЈП „Водовод“ на трајно управување и користење без надомест на изградената водоводна, фекална и атмосферска канализациска мрежа во 2021 година и на објект на ОУ„Св. Кирил и Методиј“ и го верификуваа составот на Локалниот младински совет на Општина Кочани.
Советот ги усвои предлог-решенијата за измените за именување командант, началник и членови на Штабот за заштита и спасување; за разрешување и именување членови на Управниот одбор и Надзорниот одбор на КЈП „Водовод“ – Кочани и на членови на управните одбори на ЈОУДГ„Павлина Велјанова“, ЈОУ Библиотека „Искра“ и на Училишниот одбор на СОУ„Љупчо Сантов“ – Кочани.
Советот ги повлече предлог-одлуките за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите на давателите на јавни услуги и на директорот на ЈОУДГ „Павлина Велјанова“ – Кочани и за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите на јавните службеници кои вршат административни работи во ЈОУ ДГ „Павлина Велјанова“ – Кочани.