Општина Кочани во соработка со Асоцијацијата на новинари од нашиот град, по пауза од една година поради Ковид пандемијата, повторно ја организираше манифестацијата Избор на спортист на годината.
На свечената манифестација беа доделени признанијата на најуспешните спортисти во општината во минатата 2021 година.
Признанието Најдобар спортист на Кочани за 2021 годинава го понесе гимнастичарот на КГС „Кочани“, Ристе Симеонов, плакета која лично му ја врачи градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов.
Во категоријата спортска личност со акламација наградата постхумно му припадна на Сашо Лазаров – Чапо за особен придонес за развојот на кошарката во Oпштина Кочани.
Наградата за најдобар тренер му припадна на Александар Андов – ГФК „Осогово“, а во категоријата најдобра спортска екипа, наградата им припадна на Џудо клуб „Гладијатор 2016“ – Кочани.
Годинава комисијата одлучи сите 13 предложени кандидати во категоријата Млад надежен спортист на Кочани, без рангирање, да добијат подеднакви заслужени признанија.