Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов на првиот ден од 2022 година ги посети дежурните екипи на Полициската станица – Кочани и Територијалната противпожарна единица – Кочани и се информираше за работата на службите во текот на новогодишната ноќ.
Од Полициската станица во Кочани информираат дека новогодишната ноќ поминала без нивни посериозни интервенции и во мирна атмосфера, додека од Територијалната противпожарна единица известија дека во текот на новогодишната ноќ имале една интервенција на запален оџак во Кочани и една интервенција на пожар во помошен објект во с. Теранци, со што се спречило пожарот да се прошири кон куќата и затоа од ТППЕ-Кочани потсетуваат за редовно чистење на оџаците и избегнување на електрични инсталации од сомнително потекло.
-Констатираме дека новогодишната ноќ поминала во релативно мирна атмосфера, со мал број на интервенции од помал обем. Сметам и очекувам дека релативно добрата состојба ќе не прати и во текот на целата 2022 година и надлежните служби ќе имаат помалку работа од оперативен карактер, а повеќе да бидат од превентивна и мобилна функција во услуга на граѓаните – истакна градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов.