Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски ги потпиша договорите со избраниот изведувач на проектот за асфалтирање на десет улици во Кочани и Оризари со заем од Светска банка, „Еуроинг“ од Гевгелија и надзорот „Урбанстил инженеринг“. Воведувањето во работите е за две седмици, а планирано е активностите да се изведуваат девет месеци.
-Десетте улици треба да се асфалтираат со 54 милиони и 300 илјади денари. Се очекува по нивното завршувањето, остатокот од износот да се потроши за другите три улици, но тоа ќе зависи од квалитетот на извршената работа и почитувањето на роковите – во координација со Светска банка, за да се потрошат сите 61,5 милион денари, – соопшти Димитровски.
Претставничката на изведувачот, Даниела Ташевска Малева, најави дека квалитетно, успешно и навремено ќе го завршат проектот за изградба на 10 улици со потпорни ѕидови и атмосферска канализација во Општина Кочани и дека строго ќе се почитуваат правилата и законите за безбедност и здравје при работа, како и Законот за животна средина, односно за зачувување на животната средина.
За овој сериозен градежен зафат Општина Кочани распиша посебен тендер на кој е избрана фирма за надзор со специјална задача за надгледување на оваа работа.
Задача на надзорот, фирмата „Урбан стил инженеринг“, ќе биде да се имплементираат сите стандарди во градежништвото, за што тие се целосно подготвени, рече управителот Петар Стошиќ.
Парите од заемот од Светска банка треба да се вратат за 10 години, со 3 години грејс период и 1,5 процент годишна камата. Со нив ќе се изградат и асфалтираат улици во вкупна должина од 3,9 км и тоа десниот и левиот крак на „Орце Николов“, „Февруарски поход“, „Ѓорче Петров“, „13 Македонска бригада“, „Димитар Лазаров“, „Македонска“, „Разловечко востание“ и „15 Македонски корпус“, „Пиринска“, „554“ во Прокарка и „Јанка Стоименова“ во Оризари.