Стихозбирката „Љубовна сиромаштија“ од авторката Аника Илијевска Ѓорѓиева беше промовирана пред штипска публика. Во Домот на младите во Штип, за духовната, уметничката и јазичната димензија на делото зборуваше Љубинка Донева.
Промоцијата беше збогатена со настапот на актери од Драмското студио „Годо“ и илустрирана со интерпретација на стихови од Кристина Атанасова Арсова. Пораките за човекољубие и богољубие, беа засилени и со настапот на хорот при Лесновскиот манастир.
Присутните на промоцијата ги поздрави и авторката Аника Илијевска Ѓорѓиева.
– Во книгата порачувам решенијата на секојдневните искушенија од современиот материјален свет да ги бараме во духовното, во верата, во Бога. Сите песни алудираат на тоа. Во песните се среќава тага, радост, вистина, лага, но поентата е дека прибежиште може да се најде во Бога и дека вратите на црквите секогаш се отворени за да го примиме она духовното, коешто ни е потребно. Целта на промоцијата, пак, беше во едно световно место да направиме една духовна средба и затоа беа вклучени и духовниот хор од Лесновскиот манастир и актерската екипа на Кристина Атанасова-Арсова, за да добиеме уметнички перформанс во кој што ќе има најмногу духовност, рече Илијевска Ѓорѓиева.
Авторката досега има објавено две поетски збирки: „Време во рамка“ (1997) и „Гледачи на земја“ (2001), а освен поезијата ги негува и краткиот расказ и сатирата.