Денеска, по 23. пат, во организација на Пчеларското здружение „Матица“ од Кочани е отворена продажна изложба на мед и пчелни производи. На платото во Трговскиот центар во Кочани на десетина штандови, своите производи ги претставуваат пчелари од различни краишта на државава.
– Ова е одличен начин на граѓаните да им се приближат производи за здрав живот. Нашиот регион изобилува со природни реткости погодни за пчеларење. Посебно важно е што со прогласувањето на дел од Осогово за заштитено подрачје се создаваат огромни можности за брендирање на медот, што ќе овозможи негов подобар пласман и повисока цена. Радува податокот што бројот на пчеларите и на пчелните смејства од година во година расте, што значи дека сме на добар пат пчеларството да биде значаен бизнис – рече во своето обраќање Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
На манифестацијата говореше и Трајан Димковски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој истакна дека Министерството ќе настојува и понатаму да соработува со пчеларите и да го помага пчеларството како гранка во подем.
– Медот е важен домашен производ за македонското стопанство. Во последните три-четири години има зголемување на пчелните семејства за 10 илјади, што покажува дека политиките што се преземаат се во еден добар правец. Тоа не значи дека е доволно, бидејќи секоја година е различна и дискусиите заедно со пчеларите треба да градат заеднички политики и во иднина – истакна Димковски.
Пред присутните зборуваа и Борчо Атанасов, секретар на Пчеларското здружение „Матица“ од Кочани и Менде Трајковски, претседател на Сојузот на пчеларските здруженија на Македонија.