Иницијативата на градоначалникот Николчо Илијев и на ТППЕ – Кочани за формирање Доброволно противпожарно друштво ја прифати Златко Илиев од Кочани, кој и самиот учествуваше во справувањето со огнена стихија што го зафати Кочанско пред еден месец.
– Нашиот сограѓанин Златко Илиев изрази желба и волја да формира доброволно противпожарно друштво, а ние како Противпожарна едница го поддржуваме. Почнува постапката за регистрација, потоа ќе објавиме јавен повик за волонтери, по што ќе следува обука која ќе се одвива во неколку фази. Се надеваме дека ќе се реализира целосно и успешно оваа мисија, бидејќи за нашата Единица доброволното противпожарно друштво ќе биде од голема помош. Такви се искуствата на словенечките колеги од Крањ, како и од Австрија кои имаат доброволни друштва кои паралелно учествуваат во сите интервенции, првично на отворен простор, на помали пожари, а подоцна и на затворени објекти – изјави Благојчо Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.
Идејата за доброволно противпожарно друштво Златко Илиев ја сфатил сериозно по пожарите што го зафатија Кочани и Белското Маало.
– Видов дека многу млади луѓе дојдоа да помогнат, но не беа ни соодветно облечени ни соодветно обучени, и факт е дека беа од голема помош. Секој што сака да биде противпожарен доброволец треба да биде доволно обучен и да може професионално да ја изврши задачата, без да биде повреден или доведен во опасност. Досега во Македонија има 15 активни доброволни здруженија, кои функционираат пред сѐ со донации од Англија, Германија и Словенија, мислам дека така ќе биде и со нашето друштво – вели Златко Илиев.
Градоначалникот Николчо Илијев ја истакна подготвеноста на Општина Кочани, во рамките на законските можности да се даде буџетска поддршка на ваквото доброволно здружение.
– Се радувам на оваа убава вест, наша одамнешна идеја. Од секој проблем човек може да излезе побогат со искуство, а проблемите коишто ги имавме со пожарите ни помогнаа оваа идеја да добие забрзан тек и еве сме пред формирање на едно доброволно противпожарно друштво кое ќе биде значајна поддршка и помош на нашата ТППЕ. Во овие изминати четири години се соочивме со повеќе пожари, во кои лично учествував и јас и гледајќи ја целокупната состојба во делот на гасењето на пожарите посебно на отворено, заклучивме дека покрај механизацијата со која располагаме, потребнo е и поголем број луѓе кои ќе се вклучат во гасењето на пожарите. Нашите сограѓани се одговорни и секогаш умееле да одговорат на предизвикот да помогнат во справувавувањето со ваквите огнени стихии, како што беше и минатиот пат, но забележавме дека имаме и многу недостaтоци од организациски аспект. Затоа сметам дека е важно формирањето на едно вакво доброволно противпожарно друштво кое ќе биде место за сите доброволци кои сакаат да бидат обучени за справување со пожари, како и за справување со сите предизвици на новото време, предизвикани од климатските промени – соопшти градоначалникот Илијев.