Компанијата „Винербергер“ од Виница ја предаде првата донација од 2 600 ќерамиди од брендот „Тондах“ и дополнителни покривни елементи за обновување на објектот на улицата „Велин Стоилов“, којшто претрпе најголема штета во пожарот што се случи на 2 август во Кочани.
– Нашата компанија се труди да биде максимално општествено полезна и да им помага на граѓаните, а понекогаш, за жал, има и вакви немили ситуации каков што беше пожарот во Кочани. Брзо остваривме контакт со градоначалникот, а првата донација е токму за куќата која најмногу настрада и чиј покрив е целосно оштетен. Се надевам дека таа за краток период ќе биде обновена. Освен овде, планираме одреден дел од донациите да однесеме во Берово, Пехчево и Делчево и да им помогнеме на граѓаните чии објекти исто така изгореа – истакна Владимир Златковски, директор на компанијата „Винербергер“.
Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев се заблагодари за донацијата од „Винербергер“ и истакна дека досега пројавиле интерес повеќе компании и физички лица за поддршка и побрзо санирање на штетите од пожарот. Од името на Општина Кочани и од името на оштетените сограѓани, тој упати огромна благодарност на сите кои учествуваа во гасењето на пожарот, како и на сите кои на различни начини придонесуваат за побрзо санирање на штетите.
– Компанијата од Виница е првата која се јави да помогне, за што изразуваме огромна благодарност. Дополнително, Општина Кочани издвои два милиони денари од буџетската сметка како првична помош, а стручна комисија веќе работи на утврдување на штетите од пожарот. Во предвидениот рок граѓаните поднесоа 47 пријави за оштетени објекти и друг имот, по што ќе се направи реална проценка и заедно со пријателските компании и други организации ќе се потрудиме да им помогнеме – изјави Илијев.
Се очекува исплатата на помошта и активностите за обновување на опожарените објекти во Кочани да се реализираат во наредните два месеца.