Пред почетокот на реконструкцијата на улицата „Гошо Викентиев“, Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ врши замена на постојната водоводна линија и поставува нов атмосферски одвод на овој дел од градот.
Активностите за поставување нови цевки од водоводната мрежа на улицата „Гошо Викентиев“ се одвиваат на потег со должина од 260 м, а денеска се изврши премостување на новата линија, која е под притисок и се тестира. Поради овој зафат, дел од потрошувачите од ниската зона, на улици од североисточниот дел на Кочани имаа неколкучасовен прекин во водоснабдувањето.
Стручните служби на КЈП „Водовод“ известуваат дека 27 семејства од улицата „Гошо Викентиев“ постепено ќе бидат префрлени на новата водоводна линија. Замената на дотраените цевки со мал профил со нови, се очекува да го реши проблемот со недоволниот притисок и честите дефекти во оваа градска зона, над Автобуската станица.
Со вториот повик на Единица за имплементација на проекти од Светска банка при Министерството за транспорт и врски, со кој се реализираат градежни работи за реконструкција на локални патишта и улици, Општина Кочани е опфатена со реконструкција на улиците „Гошо Викентиев“ (243 м) и „Раде Кратовче“ (543 м ), за што се донирани средства од околу 17 милиони денари.