Ликовни творци од основните и средните училишта во Кочани и членови на Школата за цртање и сликање при ЦК „Бели мугри“ учествуваа на едукативната работилница што ја организираше Археолошкиот музеј – депанданс во Кочани.
Под менторство на своите наставници по ликовно, а под раководтсво на археологот Илинка Атанасова, учениците изработуваа цртежи и фигури по инспирација од кочанското културно наследство.
– На учесниците на оваа работилница им го претставивме културно наследство во Кочани и Кочанско, поаѓајќи од ахеологијата, од најстарите временски периоди, од неолитот па сѐ до етнолошкиот материјал. Во следната фаза, нивното видување тие ќе го преточат во изработки, на некој начин копии, соопшти Атанасова.
Изработките на учениците, подоцна ќе бидат претставени на изложба.
Едукативната работилница се одржа во Етнокуќата во Кочани, како проект на Археолошкиот музеј поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.