Секторот за урбанизам во Општина Кочани организираше јавна расправа по нацртот на Генералниот урбанистички план за Кочани.
Новиот ГУП опфаќа површина од околу 1042 ха, со проширувања на западниот и јужниот дел од градот. Целиот опфат е поделен на 14 градски четврти. Проширувањето на запад е исклучиво за домување. Југот на Кочани ќе се проширува со индустриски објекти, а на тој дел е планирана дислокација на автобуската и железничката станица, површина за спортска сала и за објекти за времено сместување, односно продолжеток на бањскиот центар. Со новиот ГУП планирана е нова улица која ќе претставува пристап-главна сообраќајница од магистралниот пат А 3 до регионалниот пат кој води до Пониква, односно до крстосницата кај Бели. Оваа нова улица ќе влегува од зоната Лесна индустрија и со неа ќе се скрати патот до Пониква, без да се влегува во градот.
Претставници од консултантската компанија „Енвиро“ изнесоа делови и од Извештајот за стратегиската оцена за животна средина.
Во рамките на прашањата до стручните служби и изготвувачите на нацрт-планот, главното внимание беше свртено кон пренамената на земјоделското во градежно земјиште во месноста Средорек, а претставници од државни културни институции забележаа дека во планот не е обележано културното наследство.
Правните субјекти и заинтересирани лица од подрачјето опфатено со планот, можат да достават забелешки по нацрт-планот, најдоцна до 22 мај оваа година.