Унгарската национална трговска комора во Кочани организираше презентација на можностите за соработка помеѓу македонски и унгарски компании.
На ниво на микрорегионот: Кочани, Виница, Македонска Каменица, Пробиштип и Чешиново-Облешево беа прикажани унгарски фирми со кои може да се воспостави соработка од заемна корист.
– Унгарија како една од водечките земји во Европа кои имаат производство на автоделови, е заинтересирана за овој регион каде има и прехранбена и автоиндустрија и тешка и лесна индустрија, рече Сашо Јанакиевски, директор на канцеларијата на Унгарската стопанска комора во Македонија.
Според градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски, нашиот регион нуди повеќе можности за соработка со унгарските стопанственици. Такви се нашите капацитети од земјоделството, од преработувачката индустрија, од текстилот.
Амбасадорот на Република Унгарија во Македонија Јожеф Бенце потенцираше дека во последните 15 години од економската соработка врвот е достигнат минатата година кога стоковната размена меѓу Македонија и Унгарија изнесувала 150 милиони евра.