На 6 мај, во Кочани свечено беше пуштена во употреба компанијата „Антура“, инвестиција во висина од 6 милиони евра на холандското семејство Ван дер Кнап,. Станува збор за современа лабораторија која произведува семенски материјал за украсни цвеќиња.
– Не само што имаме луѓе вклучени во доменот на одгледување, лабораторија и производство, туку исто така и во продажба, маркетинг, техничка поддршка, финансии, планирање и човечки ресурси. Така, во текот на 40 години, „Антура“ од мал семеен бизнис стана лидер на светскиот пазар во одгледување на антуриум и орхидеи, рече Иван ван дер Кнап, сопственик на „Антура“.
На пуштањето во производство на капацитетот на „Антура“ присуствуваше и премиерот Никола Груевски, кој во своето обраќање истакна дека холандската инвестиција ја потврдува добрата бизнис клима во Македонија, а фабриката ќе придонесе за пораст на извозната ставка на државата.
– Покрај првично вработените 150 луѓе, во наредниот период се очекува бројката да се искачи на 300 до 400 директни вработувања што е од особена важност за Кочани, Виница, Зрновци и сите околни населени места. Она што е значајно е што фирмата е целосно извозно ориентирана што ќе има свој придонес во зголемувањето на македонскиот извоз во земјите од Европа и светот, рече Груевски.
На присутните им се обрати и градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски.
– Општината даде поддршка за нивната инвестиција во креирањето услови за почеток на кочанско-холандската „Антура“. Изградивме водовод, одвод и канализација, тротоари, улично осветлување и работевме заедно со нив на целосно инфраструктурно уредување на овој дел. Општина Кочани вложи повеќе од 6 милиони денари за изготвување посебни услови за нашите инвеститори, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Присутните на свеченото отворање на „Антура“ имаа можност да се запознаат со процесот на производство на семенски материјал.
Компанијата „Антура“ е втора странска инвестиција во Кочани во изминатите две години. Претходно свој производствен капацитет отвори американската компанија „Амфенол“, со што овие две фабрики треба да вработат 3000 лица од кочанскиот регион.