На завршна прес-конференција што се одржа во Кочани беше означено успешното приведување кон крај на проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“, како дел од Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија, во чии рамки беше реализирана реконструкцијата на Мултикултурниот центар.
На прес-конференцијата присуствуваa и претставници од водечкиот партнер од македонска страна – Центарот за развој на Источниот Плански Регион, како и од Општина Гоце Делчев од бугарска страна, која се јавува како втор проектен партнер.
– Со овој проект, во централното градско подрачје добивме еден реконстуриран објект што нуди одлични можности за сите граѓани на Кочани, а особено за младите и за невладиниот сектор. Со довршувањето на внатрешноста, на неговиот ентериер, тој ќе ја добие вистинската функција. Искуството од проектот охрабрува сите заеднички да размислуваме за нови проекти, кои понатаму со нашите партнери од Бугарија ќе можат да добијат финансиска поддршка од европските фондови, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Благодарност од името на граѓаните на бугарската општина Гоце Делчев за реализираните проекти во двата града искажаа претставници од локалната самоуправа, а од Центарот за развој на Источниот Плански Регион нагласија дека реконструкцијата на Мултикултурниот центар е еден од најуспешните проекти што се реализирани.
– Досега реализиравме вкупно осум проекти во рамки на прекуграничната соработка со бугарската страна, а овој е еден од поуспешните. Ние сме подготвени и понатаму да дадеме поддршка за сите идеи и проекти што ќе ги имаат општините од нашиот регион за заедничко реализирање со партнерските општини од бугарска страна, истакна Зуица Ангелова, директорка на Центарот за развој на ИПР.
На завршната прес-конференција беше речено дека проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“ е финансиран од ЕУ, во рамките на вториот повик на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија. Средствата што ги имаше на располагање Центарот за развој на ИПР беа во висина од 315.825 евра, од кои Општина Кочани учествуваше со 65 илјади евра.