„Исцелител“, филмот на Ѓорче Ставрески, со Благој Веселинов како главен актер, на 27 и на 28 јануари ќе се прикажува во киносалата на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани.
„Исцелител“ ја освои наградата од публика во рамките на „Balkan Survey“ програмата на Солунскиот филмски фестивал. Ова е прва награда доделена на македонски филм во 58-годишното постоење на фестивалот и е единствена награда што се доделува во балканската програма.
Овој месец „Исцелител“ се прикажуваше и на најголемиот интернационален филмски фестивал во Норвешка – Тромсо.
Кочанската публика, преку социјалните мрежи покажа исклучителен интерес за прикажување на ова филмско остварување кај нас и поради кочанецот Веселинов, кој има актерско деби како главен лик во целовечерен филм. Од филмографијата, Веселинов има улоги и во „Балканот не е мртов“, „Панкот не е мртов“, „Сенки“ и „Бунило“. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности, во класата на професорот Владимир Милчин.
Проекциите во Кочани се во 20 ч., а влезницата е 150 денари.