За да ги вклучи мислењата и потребите на граѓаните при креирањето на Буџетот за наредната 2018 година, Одделението за јавни дејности во Општина Кочани упати повик до сите спортски клубови и здруженија кои се регистрирани за работа во општината, низ заедничка јавна трибина да дадат придонес во планирањето на општинскиот буџет за спорт.
Јавната расправа ќе се одржи на 14 ноември и на неа може да присуствува секој граѓанин на Кочани што сака да земе непосредно учество во одлучувањето за работи од јавен интерес од локално значење и во надлежност на општината.
Според критериумите за распределба на средствата од Буџетот на Општина Кочани во областа на спортот, првенствено ќе се обезбедат услови за развој на рекреативниот и масовен спорт, поддршка и развој на училишниот спорт, организирање и помагање спортски пригодни активности и манифестации и одржување на спортски сали, терени и рекреативни игралишта.