По вчерашниот мирен протест против нарушувањата на јавниот ред и мир во населбата Драчевик – кај социјалните станбени згради, градоначалникот на Општина Кочани и претставници на институции со наделжност за решавање на актуелната состојба, денеска одржаа состанок со организаторите на протестот.
– Не сме против изградба на новата социјална станбена зграда, туку за времено запирање на градењето, со што испраќаме повик за решавање на настанатите проблеми од станари во втората зграда во населбата Драчевик. Подолго време се соочуваме со девијантни однесувања на дел од станарите кои често го нарушуваат јавниот ред и мир и комуналната хигиена – се пожалија жителите од населбата Драчевик.
Тие побараа да се направи увид во актуелната состојба на станарите, ревизија од Комисијата за станбени прашања која ја донела одлуката за домување, а го повикаа Центарот за социјални работи, согласно надлежностите, почесто да врши контроли на корисниците на социјални станови.
Според Александар Максимов, началник на Одделението за внатрешни работи – Кочани, изминативе 12 месеци во населбата Драчевик се регистрирани четири кривични дела и неколку нарушувањa на јавниот ред и мир. Максимов ја истакна подготвеноста за воведување полициска патрола, но ја нагласи и потребата од избегнување на етничка нетрпеливост.
– Проблемот со нарушувањето на јавниот ред и мир постои и тој треба да се реши институционално. Потребно е точно да се дефинираат надлежностите на институциите, секоја од нив да ја заврши својата задача и да се засилат полициските патроли. Општина Кочани засилено ќе интервенира во одржувањето на комуналната хигиена, а водоснабдувањето очекуваме да се одвива без проблеми со препумпната станица за високата зона – заклучи на крајот на состанокот градоначалникот Илијев.
Според најавите, во идните активности ќе биде вклучен и граѓанскиот сектор и ќе се настојува на континуирана институционална соработка и комуникација.