Иницијативниот одбор за формирање младински совет при Општина Кочани, во соработка со Општина Кочани распиша јавен повик за членство во Локалното собрание на млади на Општина Кочани.
Јавниот повик е упатен до формите на организирање и здружување кои ги предвидува Законот за младинско учество и младински политики, а тоа се: младинските организации, организации за млади, политички подмладоци, ученички и студентски организации и други облици на младинско здружување, кои не мора да бидат регистрирани во општината, но мора да имаат активности на територијата на општина Кочани.
До 20 април 2021 година, младинските организации и облиците на младинско здружување треба да поднесат пријава до Општина Кочани со која ќе номинираат свои членови – делегат и заменик-делегат, заради спроведување на законската постапка за формирање Локален младински совет на Општина Кочани.
Номинираните членови треба да се жители на општина Кочани и да се на возраст од 15 до 29 години.
Пријавата за номинација со потребната документација може да се поднесе секој работен ден од 7:30 до 15:30 часот на Едношалтерската канцеларија во Општина Кочани или преку електронска пошта на info@kocani.gov.mk.
Поднесените пријави ќе ги разгледа Иницијативниот одбор и ќе ја утврди валидноста и прифатливоста на поднесената документација.
Задача на Локалното собрание на млади е да распише јавен повик и да избере членови на Локалниот младински совет на Општина Кочани по пат на непосредни избори со тајно гласање, во кое праљво на глас ќе имаат делегатите од Локалното собрание на млади. Локалниот совет на млади ќе брои пет члена коишто ќе работат на спроведување локални младински политики и активности во Кочани.