Започна асфалтирањето на паркиралиштето, станбената и пристапната улица на северната страна од блокот згради на улицата „Стево Теодосиевски“ во централното градски подрачје на Кочани.
Станбената улица е долга 250 м, а од двете нејзини страни се градат тротоари. Асфалтен слој со дебелина од 7 см се поставува на коловозот и на паркиралиштето, на вкупна површина од 1 800 м2. Вградени се рабници и решетки за атмосферска вода.
Пристапната улица е со должина од 100 м, а ширината на коловозот се движи од 7 до 9 метри. Површината што ќе биде опфатена со асфалтирање на овој дел изнесува 550 м2.
– Со изградбата на објектите за станбено домување и новиот комерцијален простор на овој дел од централното градско подрачје се зголеми фреквенцијата во сообраќајот, а со тоа и потребата од простор за паркирање, па уредувањето беше повеќе од итно и неопходно. Општина Кочани изврши пробивање и трасирање на овие улици и постави водоводна и канализациска мрежа. Дополнително сообраќајно олеснување ќе биде и изградбата на новата коловозна лента на „Стево Теодосиевски“, која очекуваме да почне идниот месец – соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
За реализацијата на овој инфраструктурен зафат се наменети 2.054.713 денари, средства од Буџетот на Општина Кочани.