Со културно-забавната програма под наслов „Заедно сме посилни“ што се одржа во Спортската сала „Никола Карев“, Општина Кочани и Здружението на Роми „Авена“ го одбележаа Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април.
Младите Роми и Македонци, основци и средношколци, креативци, членови на повеќе фолклорни, балетски и музички состави преку своите настапи испратија пораки за толеранција и соживот.
Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски честитајќи го преку медиумите 8 Април, истакна дека поминале 44 години од формирањето на првата меѓународна организација на Ромите која преку Обединетите нации побарала нивна заштита во културното, јазичното и социјалното малцинство и право на свој национален и културен идентитет.
Димитровски додаде дека во периодот означен како Декада на Ромите се вложуваат напори за реализација на проекти од образованието, социјалата, инфраструктурата, потенцирајќи дека Општина Кочани и понатаму ќе работи на создавање поубава иднина со толеранција и меѓусебно почитување за сите што живеат во неа.