Првата модуларна болница во Источниот регион, поставена во кругот на Општа болница во Кочани, е пуштена во употреба. Во саботата, на 20 март, министерот за здравство Венко Филипче најави дека од понеделник таа ќе може да ги прими првите пациенти.
Модуларната болница има капацитет од 30 болнички кревети и располага и со неопходната опрема за дијагностицирање.
– Оваа болница е од големо значење со оглед што опслужува пациенти од целиот регион. Тука доаѓаат пациенти не само од Кочани, туку и од Берово, Виница, Делчево, Пробиштип, Македонска Каменица и соседните општини. Во Општа болница беше инвестирано и претходно, независно од овој дел, веќе е набавен нов апарат за анестезија, стигната е и донација од Јапонската амбасада. Модуларната болница ќе биде опремена со дополнителен ехо апарат, со сите сонди, подвижен дигитален рендген, што ќе служи за потребите не само на ковид-центарот, туку и за другите специјалности, истакна министерот Филипче.
Благодарност до Министерството за здравство за инвестицијата во модуларната болница упати градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, кој истакна дека нејзината изградба заврши во предвидениот рок, при што Општина Кочани ги обезбеди потребните технички услови, платформа со приклучоци за вода и канализација.
Директорот на Општа болница со проширена дејност, Александар Серафимов нагласи дека новата модуларна болница заедно со болничките легла на другите одделенија, ќе овозможи проширување на капацитетот за прием на шеесетина ковид-пациенти од регионот. Освен тоа, се очекува во одделот за интензивна нега наскоро да се инсталира опрема за централна кислородна поддршка.
Во наредниот период за потребите на Општата болница ќе биде распишан оглас за нови вработувања на 50 лица, стручен и технички кадар, а Министерството за здравство ќе помогне во обновувањето на дел од возниот парк за потребите на Итната медицинска помош во кочанската болница.