Градежната оператива денеска го поставуваше носечкиот асфалтен слој на кружниот тек што се гради спроти новата бензинска пумпа на „Лукоил“, кој ќе ги спојува улиците „Тодосија Паунов“ и „Киро Кикенски“.
Паралелно со ова, изведувачот „Битем“ го подготвува за асфалтирање и кружниот тек пред населбата Усова Чешма, којшто ги вкрстува „Тодосија Паунов“ со улицата „Македонска“.
Во наредниот период ќе почнат работите и на кружниот тек кај Автобуската станица. За изградбата на овие три кружни тека на „Тодосија Паунов“ се наменети општински буџетски средства во износ од близу 4 милиони денари. Целта е да се подобри сообраќајната инфраструктура и да се олесни движењето по главните сообраќајници во Кочани. Хортикултурното уредување на земјениот дел од кружните текови отвора можност за креативно озеленување на овие површини во Кочани.