На потегот од Шумското стопанство „Осогово“ до крстосницата кај населбата Усова Чешма се одвиваат интензивни градежни активности. Покрај изградбата на двата кружни тека, во тек е реконструкцијата на тротоарот на десниот коловоз на улицата „Тодосија Паунов“, сѐ до новата бензинска на „Лукоил“. Изведувачот „Битем“ работи на тампонирање и обликување на постојниот дрворед.
Паралелно, избраниот изведувач за изградба и реконструкција на тротоари, „Панел М“ го реконструира тротоарот долг 150 метри на улицата „Кирил Ѕ’мбов“.
Неодамна заврши реконструкцијата на 170 метри од тротоарот од десната страна на улицата „Димитар Влахов“ во Кочани, со што е подобрена пешачката зона на фреквентниот потег кај пиљарниците во Стришани.
За 2021 година Општина Кочани има потпишано договор со изведувачот за изградба и реконструкција на тротоари со вкупна површина од 3 500 метри квадратни. Вкупната сума наменета за овие градежни зафати е 2,5 милиони денари.