Интензивните врнежи од дожд го покачија водостојот во реките во Кочанско. Полна е браната Гратче, а на прелив истекуваат два метри кубни вода во секунда. Брегалница донесе девет милиони метри кубни вода во езерото Калиманци, па сега во него има 40 милиони.
Поради високиот водостој и опасноста надојдената вода во речните корита да предизвика штети во дел од кочанските села, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев направи увид на состојбата.
– На одредени места Оризарска Река се излева од речното корито, но водата е навлезена само во оризовите полиња, каде што нема штети. Од вчера машини на ЈП Водостопанство интервенираат и ги санираат критичните позиции. Се надевам дека ќе поминеме без проблеми. Кочанска Река засега е под контрола. Вода навлегува на дел од оранжериите во Долни Подлог. И таму наскоро ќе се интервенира со машини, така што сметаме дека состојбата полека но сигурно ќе се нормализира – соопшти Илијев.
Според најавите на надлежните, доколку продолжат врнежите, тие се подготвени да интервенираат со механизација и навреме да спречат излевање на реките и штети од надојдената вода, како на посевите, така и на домаќинствата во кочанските полски села.