Основното училиште „Крсте Мисирков“ во Оризари ќе добие нов кров. Со средства од Владата, преку проектот на Министерството за образование и наука „Реконструкција на средни и основни училишта“, планирана е санација на кровот за што е објавен јавен оглас на Електронскиот систем за јавни набавки.
Според предмерот на проектот, планирани се подготвителни, изолаторски, покривачки, лимарски, ѕидарски и други работи. Изведувачот треба да изврши демонтажа на дотраениот кровен покривач од брановиден салонит и азбестцементниот отпад да го депонира во депонијата Дрисла во Скопје, на начин определен со актуелната законска регулатива.
Со проектот се планира замена на оштетената дрвена конструкција со нова, на 20 проценти од вкупната површина на кровот. Врз постојната меѓукатна конструкција во поновиот дел и дрвената меѓукатна конструкција на стариот дел ќе биде поставена хоризонтална термоизолација. Новиот кровен покривач ќе биде од профилиран пластифициран челичен лим. Објектот на ОУ „Крсте Мисирков“ во Оризари ќе добие и громобранска инсталација.
– Замената на кровот е уште еден важен градежен зафат за училишната зграда во Оризари. Изминатиов период беа реконструирани тоалетите и подот, во стариот дел беа заменети прозорците, таванот, осветлувањето и надворешната фасада. Работиме на проект за термофасада на целата зграда и за загревање на училишната спортска сала – изјави Соња Иванова, директорка на ОУ „Крсте Мисирков“.
Крајниот рок за доставување понуди за јавната набавка за реконструкција на кровот во ОУ „Крсте Мисирков“ е до 14 јануари.