Во акцијата учествуваа вработените во општинската администрација, Територијалната противпожарна единица – Кочани, Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ и членови на Советот на Општина Кочани.
Пошумувањето се изведе во месноста Пресечена Скала, над Фабриката за вода, каде се садеше бел бор и багрем.
– Акцијата за пошумување на овој потег претставува дел од континуираните напори на Општина Кочани за подобрување на зелената маса, но истовремено и за намалување на просторот за создавање диви депонии. Овде неконтролирано се сече постојната дрвна маса, се истура шут и отпад. Со оваа акција сакаме да упатиме порака дека не се откажуваме од борбата против загадувачите на животната средина. Затоа повикувам сите да придонесат во озеленувањето и одржувањето на чистотата – изјави Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Стручните служби од Јавното претпријатие Национални шуми соопштија дека новите насади од бел бор се избрани соодветно според надморска височина и се отпорни на паразитот боров четник.