Средното општинско училиште „Гошо Викентиев“ соодветно одговара на потребите за реализација на наставата. Професорите се опремени за настава од далечина, а стручните служби ќе излезат со конкректни податоци за бројот на учениците што имаат потреба од поддршка за обезбедување на потребните информатички помагала.
Ова денеска го соопшти помошник-директорот на Техничкото училиште Николчо Јакимов на средбата со градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, кој се интересираше за актуелната состојба и начинот на справувањето со евентуалните проблеми во оваа образовна институција. Јакимов информираше дека практичната настава ќе се изведува кога ќе дозволат условите.
Во меѓувреме во СОУ „Гошо Викентиев“ се варосани и бојадисани ходниците и училниците, а следен чекор во однос на реконструктивните зафати е замена на подот во неколку училници и врати на дел од санираните јазли.
Градоначалникот Илијев денеска се сретна и со директорката на Детската градинка „Павлина Велјанова“, Едита Миткова која информираше дека градинката деновиве ја посетуваат близу двесте дечиња, згрижени според пропишаните протоколи. Работат сите објекти, активирани се сите влезови, со цел да се олесни примањето и земањето на дечињата од градинката од страна на родителите. За објектите на градинката што имаат само еден влез, се преземаат активности за отворање на нови.