Училиштата во општина Кочани ги исполнуваат сите пропишани услови за организирање настава според одлуките на Министерството за образование и пропишаните протоколи. Учебната година почна навреме и успешно, со настава од далечина или со физичко присуство.
Ова е генералната оцена за наставниот процес во кочанските училишта што ја соопшти градоначалникот Николчо Илијев по денешната посета на ОУ „Никола Карев“.
– Има проблеми со интернетот, но се работи на нивно надминување, по што наставниците ќе можат да ја реализираат наставата од нивните кабинети. Со соочуваме и со недостиг од компјутери, предизвик пред кој сите сме исправени и очекувам, како што ја почнавме оваа година, да ја покажуваме нашата солидарност со донирање. Им благодарам на сите што донираа, на првиот ден од учебната година се донирани 12.000 заштитни маски за учениците, исто така во текот на викендот беше организирана донаторска акација, а собраните средства ќе бидат наменети за компјутери и таблети за децата во семејства од социјален ризик. Исто така половина од мојата плата ја донирав за компјутерска опрема и таблети за учениците на кои им се потребни – изјави Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
– ОУ „Никола Карев“ подготвено ја почна новата учебна година. Во централното училиште имаме настава со физичко присуство од прво до трето одделение, а во подрачните училишта наставата со физичко присуство е од прво до петто одделение. За учениците од четврто до деветто одделение наставниците ги одржуваат часовите онлајн, од дома, бидејќи во училиштето има слаб интернет. Чекаме насоки за отворање на продолжениот престој, бидејќи учениците не смеат да се групираат, во секоја паралелка учениците ќе бидат посебно згрижувани – соопшти директорката на ОУ „Никола Карев“, Билјана Петрова.
При посетата на ОУ „Никола Карев“, градоначалникот Илијев на сите наставници им го честита 5 Октомври – Светскиот ден на учителот, потсетувајќи на важната улога на наставникот во општеството, а посебно на значајната улогата на наставникот во ова време на пандемија.
Илијев ја истакна потребата од максимална посветеност на образовниот процес и на учениците во новите околности, со цел да се заштити здравјето на децата и наставниците, но и да се овозможат услови секое дете да биде вклучено во наставниот процес.