Најстарото кошаркарско игралиште коешто е во руинирана состојба, ќе биде целосно преуредено и ќе биде наменето и за одбојка. Со реконструкцијата е опфатена вкупна површина од 702 метри квадратни, од кои 182 м2 се за уредување терен за фитнес. Според проектната задача, ќе се отстранат сегашните подлоги, ќе се израмнува асфалтниот дел, ќе биде поставена арматура од мрежа, нови кошеви, а на новиот терен ќе се постават осум справи за вежбање. Непосредната околина ќе добие четири клупи, а предвидена е и ревитализација на постојните електрични столбови.
– Ова е дополнување со спортски содржини и можности за спортување во прв ред на нашите ученици, затоа што имаме вонстандарна покриена спортска сала. Со уредувањето на овој простор, даваме можност за рекреација и на нашите сограѓани, спортски здруженија и рекреативци и ја менуваме сликата во централното градско подрачје – изјави Игор Христов, директор на СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.
За реконструкцијата на спортските терени се наменети 2.152.654 денари. Работите ќе ги изведува фирмата „Панел М“ во рок од 45 дена.
Во претходниот период во СОУ „Љупчо Сантов“ се реконструираа тоалетите, спортската сала и училишната библиотека. Целосно е заменето осветлувањето со ЛЕД-штедливи светилки, во училниците се поставени бели магнетни табли, а 23 училници имаат нови врати.