Комисијата за разгледување на поднесените барања од страна на основачот на училиштата за организирање настава со физичко присуство, земајќи ја предвид епидеомилошката состојба во регоните во кои се наоѓаат училиштата, вкупниот број ученици, хигиенско-санитарните услови, просторните капацитети на училиштата и другите индикатори согласно усвоениот План и протоколи од Владата, даде согласност на пет подрачни училишта во општина Кочани за настава со физичко присуство.
Во централните основни училишта и во двете средни училишта во Кочани, настава со физичко присуство нема да се реализира.
Настава со физичко присуство на учениците од четврто и петто одделение, може да се одржува во двете подрачни училишта на „Св. Кирил и Методиј“ во Горни Подлог и во селото Бели, како и во подрачното училиште на „Никола Карев“ во Тркање. Подрачното училиште во Грдовци доби согласност за настава со физичко присуство за учениците од петто одделение, а подрачното на „Раде Кратовче“ во Нивичани може да реализира настава за учениците од четврто до деветто одделение.
Според Извештајот на Комисијата, Основното музичко училиште „Ристо Јуруков“ доби делумна согласност за организирање настава со физичко присуство на учениците од прво до деветто одделение, само за индивидуална настава за избраниот инструмент, со согласност на родителот и со почитување на заштитните епидемиолошки мерки пропишани во протоколот за настава со физичко присуство. Согласност за настава со физичко присуство не е дадена за теоретските предмети, солфеж, хор, оркестар и хорско пеење.
Со одлука на Владата, наставата од прво до трето одделение ќе се реализира со физичко присуство во сите основни училишта. Ваквата состојба не е трајна за целата учебна година и ќе се менува според епидемиолошката слика на општината.