Тестирањето на сите вработени во градинките, пред да биде донесена одлуката за почеток со работа, утврди дека дел од нив се носители на коронавирусот.
– Скринингот на вработените во Детската градинка „Павлина Велјанова“ покажа дека вирусот е меѓу нас. Со тестовите се утврдија деветмина вработени во оваа јавна општинска установа во Кочани кои се позитивни на коронавирусот, без да покажат симптоми на болеста. Разговарав со сите што се позитивни, кои засега немаат никакви проблеми, и им посакав брзо надминување на состојбата. Ова е уште една опомена за максимална внимателност, да ги спречиме последиците од поголем размер – изјави за медиумите Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
По соопштувањето на резултатите од скринингот на вработените во кочанската детска градинка, уште 25 лица кои биле во директен контакт со нив се ставени во домашна изолација.
Градоначалникот Илијев истакна дека податоците ја потврдија и неопходноста од скрининг пред отворањето на градинките, бидејќи без проверка на здравствената состојба на вработените, може да се предизвикаат дополнителни проблеми во развојот на заразата, а резултатите од скринингот се важни затоа што ќе помогнат во борбата против Ковид-19.
Илијев ја истакна потребата од натамошно внимателно и одговорно однесување на секој поединец.
– Потребно е да носиме заштитни маски, да одржуваме растојание од 2 метра и солидна хигиена, што значи максимално да бидеме одговорни. Грижата за личното здравје значи совест кон одржувањето на колективното здравје – повика градоначалникот.
Деновиве во петте објекти на Детската градинка „Павлина Велјанова“ ќе се изврши целосна дезинфекција, а за вторник, 9 јуни, е закажана сеница на Општинскиот кризен штаб.