„Зголемувањето на бројот на новозаразени од коронавирусот е знак дека треба да бидеме многу внимателни и настроени заштитнички кон себе и кон сите околу нас. Нема простор за неодговорност и опуштеност. Носењето заштитна маска, одржувањето хигиена и физичко растојание од 2 метра е основно.“
Ова е апелот што го упати градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, како шеф на Општинскиот кризен штаб, откако надлежните здравствени институции констатираа нови случаи на болни од Ковид-19 во Кочанско.
Во пресрет на утрешниот пазарен ден и продолжениот викенд, Илијев потсети дека заради спречување на ширење на коронавирусот, најдобро е да се избегнуваат фреквентните места и мешаниците на јавните површини. Пазарот ќе се организира според одлуката од последната седница на Општинскиот кризен штаб – тезгите по улицата „Гоце Делчев“ ќе бидат поставени само на тротоарот покрај Кочанска Река, на потегот од зградата на ЕВН до Џамијата. Заради безбедност, растојанието меѓу нив треба да биде 2 метра, а нивната максимална должина – 4 м.
Во овој момент, во соседната општина Чешиново-Облешево има уште три нови заболени лица од КОВИД-19 или по првиот бран, вкупно осум активни случаи – состојба којашто обврзува сите мерки и препораки издадени од надлежните органи да се почитуваат максимално, за да се превенира ширењето на коронавирусот.
Во наредниот период ќе се продолжи со дезинфекција на јавните површини, местата за одлагање на отпад и на другите фреквентни површини, со цел да се спречат можностите за ширење на заразата. Поради непредвидливата и смртоносна моќ на вирусот, се препорачува сите граѓани совесно и одговорно да се однесуваат и максимално да ги применуваат мерките и препораките за заштита од болеста.