Со симболично постројување и смотра на пожарникарите што ја изврши градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, Територијалната противпожарна единица од Кочани го одбележа 20 Мај, Денот на пожарникарството.
Поради превентивните мерки против коронавирусот, присутните носеа заштитни маски, а изостана вообичаената свеченост и присуството на други гости.
Командирот на кочанските пожарникари Благој Паунов, во својот рапорт истакна дека и покрај големиот број интервенции, минатата година успешно се справиле со сите предизвици.
– Имавме над 330 интервенции на терен, главно за гасење пожари во шуми и на запалени стрништа, а се вклучивме и во општинската акција за дезинфекција на влезовите на станбените згради, на фабричките хали и на други јавни простори, како заштита од коронавирусот. И покрај недоволниот број пожарникари и опрема со кои располагаме, успешно ги исполнивме поставените задачи и во интервенциите во периодот меѓу двете празнувања имавме само материјална штета, без повредени и жртви, истакна Паунов.
Градоначалникот Николчо Илијев искажа задоволство од работењето на Територијалната противпожарна единица, потенцирајќи ги заложбите за нејзино постојано опремување.
– Во рамки на можностите на локалната самоуправа помагаме во делот на опременоста на Единицата, така што лани набавивме специјални огноотпорни чизми и поткапи. За годинава веќе се обезбедени средства во општинскиот буџет за набавка на уште едно теренско противпожарно возило, истакна Илијев.
Во рамки на одбележувањето на Денот на пожарникарството, за најуспешен пожарникар за изминатиот едногодишен период беше прогласен Сашо Мијалов, кој доби награда од градоначалникот.