Механизацијата на градежната фирма „Бетон“ се врати на локалниот пат Оризари – Добра Вода. Градежните активности кои запреа поради вонредната состојба предизвикана од коронавирусот, продолжуваат со пробивање, рамнење и проширување на теренот.
Изведувачот ги користи поволните временски прилики за довршување на подготвителните работи на втората половина од патот долг 2 километри. Се третираат карпестите површини кои се околу 30 % од оваа сообраќајница.
Асфалтирањето на патот што води до локалитетот Добра Вода, каде што се наоѓа манастирот „Пресвета Богородица“, е со проект на Центарот за развој на Источниот Плански Регион, со средства одобрени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Жители на Оризари имаат разбирање за состојбата и по надминувањето на здравствената криза очекуваат што поскоро по асфалт да се упатат кон познатото излетничко место, кое е посетено во текот на целата година, а за време на манастирската слава собира и неколку илјади верници и гости од регионот и пошироко.