Советот на Општина Кочани ја одржa 38. редовна седница во салата на Спомен-домот „АСНОМ“. Членовите на Советот беа на пропишаната оддалеченост од 2 метра, со заштитни маски, почитувајќи ги мерките и препораките за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот. Работеа по дневен ред од 13 точки, меѓу кои беше и извештајот за извршување на Буџетот на Општина Кочани за првиот квартал од 2020 година.
Одговорните од Секторот за финансии образложија дека во првите три месеци од годинава даночните приходи се реализирани со 14 %, неданочните со 19 %, а капиталните со 10 %. Од трансфери и донации се остварени приходи во висина од 37 милиони денари. Реализацијата на основниот буџет е со 22 %.
– Најважно за првото тримесечје е што капиталните расходи се поголеми од тековно-оперативните, што значи дека Општина Кочани во првиот квартал има најмногу трошено за капитални инвестиции. Реализацијата е 22 % на буџет од 248 милиони денари, процент што досега не бил остварен. Нѐ очекува период на интензивни градежни активности, бидејќи сите капитални проекти согласно развојните програми се во фаза на избран изведувач и за најголем дел од нив реализацијата треба да биде до средината на годинава – соопшти по седницата градоначалникот Николчо Илијев.
Илијев го изрази задоволството и од досега реализираните јавни набавки од кои се заштедени 6,5 милиони денари, кои веќе се наменуваат за нови капитални проекти, како што е асфалтирање на улицата зад новите згради, спроти Поштата и за изградба на потпорен ѕид на улицата „Боро Ефремов“ во Белското Маало.
На седницата беа проширени плановите за јавни набавки и на развојните програми, а со одлуката што ја донесоа членовите на Советот, Општина Кочани ја потврди сумата од 1.317.000 денари сопственото учество во проектот „Планински велосипедски рај“.