В четврток, на 30 април 2020 година, Советот на Општина Кочани ќе ја одржи 38. редовна седница. Со оглед на вонредната состојба предизвикана од коронавирусот, седницата ќе се одржи во салата на Спомен-домот „АСНОМ“ со почеток во 9 ч.
Општинските служби задолжени за подготовка на седниците известуваат дека просторот за одржување на седницата е избран со цел да се почитуваат мерките за заштита од ширење и спречување на коронавирусот. Салата „АСНОМ“, која додека функционираше Правниот факултет од Универзитетот „Гоце Делчев“ се користеше како амфитеатар, од неодамна е во надлежност на Општина Кочани, е дезинфицирана и подготвена за утрешната седница.
Поради состојбата со КОВИД-19, и дневниот ред е прилагоден со цел 19-те членови на Советот да не престојуваат долго во иста просторија. За присутните при влезот ќе биде обезбедена заштитна маска и средства за дезинфенција.
Советот ќе работи по следните 13 точки: Извештај за работењето на КЈП Водовод- Кочани за период од 01.01.2020 година до 31.03.2020 година, со финансиски показатели; Предлог-одлука за давање на трајно управување и користење без надомест на изградена водоводна, фекална и атмосферска канализациона мрежа во 2019 година на КЈП „Водовод“ – Кочани; Предлог-програма за дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови, урбанистичко-планска документација, и урбанистичко-проектна документација на подрачјето на Општина Кочани за 2020 година; Предлог-план за дополнување на Годишниот план за јавни набавки на општина Кочани за 2020 година; Извештај за извршување на Буџетот на Општина Кочани за првиот квартал од 2020 година; Предлог-одлука за изменување на Одлуката за сопствено учество во проектот „Планински велосипедски рај“; Предлог-одлука за сопствено учество – кофинансирање на проектот за изградба на социјални објекти за Ромите од Старата касарна; Предлог-одлука за усвојување на Урбана ревизија; Предлог-програма за изменување на Програмата за изградба и одржување на општински патишта и улици во општина Кочани за 2020 година; Предлог-програма за изменување на Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на општина Кочани за 2020 година; Предлог план за изменување на Планот на програми за развој на општина Кочани за период 2020 – 2022 година; Предлог-одлука за измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Кочани за 2020 година и Предлог-одлука за проширување на средствата на Буџетот на Општина Кочани за 2020 година.