Граѓаните на Кочани го искористија дозволеното време за движење на Велики петок, во подготовки за претстојниот продолжен празничен викенд.
За да се одржува редот и доследно да се почитуваат мерките за заштита, во текот на денов се спроведуваа препораките за дејствување на локално ниво, произлезени од седницата на Општинскиот кризен штаб. Полициските служби го регулираа и контролираа сообраќајот на најфреквентните локации. Редари и волонтери од Општинската организација на Црвениот крст ги предупредуваа граѓаните на држење физичко растојание. Пред влезот на храмот „Св. великомаченик Георгиј“ се делеа маски за посетителите, донирани од приватни стопанственици.
Од 16 часот на 17 април до 5 часот наутро во вторник, на 21 април на сила е мерката за ограничено движењето на територијата на целата држава.
Во тој период, со дозвола од надлежните институции достава на храна, лекови и други продукти ќе вршат пријавените стопански субјекти. Со претходна телефонска најава во Општинскиот кризен штаб, нерегистрираните земјоделци ќе можат да ги извршуваат и работите на поле.
Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, упати претпразничен повик до граѓаните и православните христијани.
– Во вонредни услови на пандемија, грижата за здравјето на ближните е исклучително важна. Затоа, по којзнае кој пат повикувам да бидете максимално одговорни кон себе и кон своите блиски. Почитувајте ги препорачаните мерки и утврдените насоки за заштита. Спротивставете ѝ се на заразата разумно и совесно.
Празнувајте го Велигден достоинствено, со длабока верба, безмерна љубов во срцето и со надеж што ќе ни даде сила да истраеме.
Не дозволувајте ограниченото движење да ви го наруши мирот и спокојот што е во суштината на најголемиот христијански празник, Велигден – апелираше градоначалникот Илијев.
Во последните 24 часа во Кочани нема нови случаи на заразени од коронавирусот, а добрата вест за овој крај е што се излекувани четири случаи.