Нови шест лица од Кочани се заразени од коронавирусот – сега се вкупно седум со првиот кој беше евидентиран на 1 април.
– За жал, во Кочани се зголемува бројот на заразени од коронавирусот. Повикувам тие да ги информираат лицата со кои контактирале за да се јават на матичните лекари и да ги следат нивните натамошни упатства. Лицата кои веќе се во самоизолација, ги молам да не ги кршат мерките, да не го загрозуваат јавното здравје – повика градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев.
Како прв човек на Општинскиот кризен штаб, Илијев најавува итна седница на која ќе бидат предложени нови мерки што можат да придонесат за спречување на ширење на заразата.
Градоначалникот Илијев потсетува дека во услови на вонредна состојба произлезена од пандемијата со коронавирусот, пресудно е однесувањето на секој поединец.
– Покрај почитувањето на мерките за заштита од ширење на болеста, многу важно е да не се шпекулира и да не се внесува паника или немир во јавноста. Официјалните информации ги даваат надлежните институции и службените лица, а ширењето лажни вести е опасно колку и болеста – вели Илијев.
Градоначалникот повика на коректност, почитување на мерките и препораките на Владата, Министерството за здравство и Светската здравствена организација, на одговорно и совесно однесување коешто во овие моменти е многу важно за јавното здравје.