Со цел да се намали ризикот од ширењето на корона, Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ денеска ги дезинфицираше улиците во неколку населени места во општина Кочани. Цистерните ги миеја улиците во селата Тркање, Бели, Горни и Долни Подлог, Мојанци и Прибачево.
– Дезинфекцијата ја спроведуваме континуирано, според подготвен распоред. Утре ќе се дезинфицира во Оризари и во централното градско подрачје, а в понеделник продолжуваме со периферните делови од градот – соопшти Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.
Паралелно со активностите поврзани со вонредната состојба поврзана со пандемијата, службите од „Водовод“ работат на изградба на водоводна, атмосферска и отпадна канализација во населбата Прокарка. „Паркови и зеленило“ го уредуваат коритото на Кочанска Река, а вработените од Секторот за комунална хигиена ги отстрануваа дивите депонии во Трајаново Трло, Фабриката за вода и во близината на Градската депонија.
Одговорните од „Водовод“ повикуваат на совесно однесување и одржување на јавната чистота и целосно придржување кон мерките и препораките за спречување на ширење на болеста КОВИД-19.