Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев на средба со новинарите ја истакна сериозноста на ситуацијата предизвикана од ширењето на коронавирусот и повика граѓаните најстрого да се придржуваат кон правилата за однесување во оваа вонредна состојба.
– За наша среќа, во нашата општина сѐ уште нема регистрирано инфицирани лица со коронавирусот, состојба што радува, но истовремено и обврзува сите ние доследно да ги почитуваме сите мерки и препораки и да дадеме свој личен придонес во спречување на ширењето на коронавирусот. Во општина Кочани досега има во самоизолација 148 лица коишто се дојдени од средно и високоризичните земји. Апелирам доследно да ги почитуваат пропишаните препораки задолжително и да се пријават кај надлежните институции и да се самоизолираат со цел да го спречиме ширењето на заразниот вирус и несаканите последици – повика градоначалникот Илијев.
Градоначалникот потсети дека мерките и препораките од надлежните институции секојдневно се прошируваат, меѓу кои е и полицискиот час. Илијев истакна дека почитувањето на секоја мерка е круцијално за животот на секој поединец, а потсети и на заклучоците од Општинскиот кризен штаб.
– Повикувам сите кафемати привремено да бидат затворени. Да нема собирање по маалските продавници во населените места и во градот. Подготвуваме распоред за работата на зелените пазари и на тезгите на нив. Територијалната противпожарна единица ги дезинфицира влезовите на зградите и лифтовите. КЈП „Водовод“ врши редовна дезинфекција на улиците и на местата за одлагање на отпадот. Наредната седница на Советот ќе се одржи во услови како што се налага настанатата состојба – соопшти Илијев.
Градоначалникот го посочи значењето на проверените информации и во периодот што ни претстои и ги повика медиумите да продолжат да помагаат со своето одговорно и професионално известување.
На крајот на прес-конференцијата, Илијев упати порака:
– Се справуваме со пандемија од коронавирусот и тоа од нас бара крајна одговорност, посветеност и внимателност. Одговорност има секој поединец. Затоа во овој период најважно од сѐ е секој граѓанин целосно да ги почитува мерките, препораките и задолженијата од Владата, Министерството за здравство и Светската здравствена организација. На тој начин сите го даваме придонесот за заштита на најважното – здравјето. Да бидеме одговорни, да се почитуваме, да се чуваме. Секој живот е важен – секој човек е важен! Да се грижиме за јавното здравје и да се однесуваме одговорно – повика градоначалникот на Општина Кочани.