Активностите за уредување на градежното земјиште за изградба на новата детска градинка се во завршна фаза. Оперативните служби работат на поставување приклучоци за вода, канализација и струја на парцелата во Драчевик. До крајот на јануари изведувачот на работите избран по јавна постапка, ќе биде воведен во работите.
Во изградбата на новата детска градинка во Кочани, Општината учествува со реализацијата на објекти од комунална инфраструктура: јавен пат, водоводна, фекална и атмосферска канализација и друга инсталација со приклучоци до градежната парцела. Изведувањето на оваа инфраструктура се изврши според Деталниот урбанистички план за Градска четврт 9.
Изградбата на новата детска градинка во населбата Драчевик во Кочани е во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги кој се реализира од страна на Министерството за труд и социјална политика со финансиска поддршка од Светска банка, со цел да се зголемат капацитетите за сместување на деца од претшколска возраст.
Новата детска градинка во Кочани ќе биде современ, компактен објект, проектиран според најсовремени стандарди – градинка од отворен тип со можност за поширока комуникација меѓу децата и за поттикнување на нивната креативност. Објектот ќе има најсовремена фотокаталитичка фасада која ќе дава ефект на 40 дрвца и ќе го прочистува воздухот во околината на градинката од смог и загадување.