Согласно Програмата за уредување на градежното земјиште за 2020 година, донесени се одлуки за јавна набавка за асфалтирање на осум улици на неколку локации во Кочани.
Според општинските служби за јавни набавки во тек се јавните повици за избор на изведувач за асфалтирање на улиците „Борис Ефтимов“, „Васил Главинов“, крак од улицата „9 Мај“ и крак 1 од улицата „565“ во Лесна индустрија.
Паралелно тече повикот за избор на изведувач за изградба на улиците: „7 Септември“, „Искра“ – крак два, исток, дел од „Карпошово востание“ и дел од улицата „Крум Вранински“.
Проценетата вредност на двата договори за јавна набавка е околу 14 милиони денари.
Од улицата „Борис Ефтимов“, која се наоѓа во населбата Варница, ќе се асфалтираат 340 м, ќе биде поставена атмосферска канализација и бетонски рабници. На „Васил Главинов“ во Белското Маало ќе бидат асфалтирани 160 м, а на „9 Мај“ – 210 м. Во Лесна индустрија ќе се продолжи со асфалтирање на крак со површина од 1015 метри квадратни на улицата „565“, на која ќе се градат и два потпорни ѕида.
Во населбата Усова Чешма ќе се асфалтираат четири улици: „7 Септември“ – 210 метри; „Искра“ – крак два, исток, 110 метри; „Карпошово востание“ – 270 метри и дел од „Крум Вранински“ со должина од 130 м.
Општина Кочани како договорен орган ќе спроведе поедноставена отворена постапка, која ќе заврши со е-аукција. Критериум за избор на најповолна понуда за доделување на договорот за јавна набавка е економски најповолната понуда која се утврдува врз основа на цената.
По истекот на роковите пропишани со процедурата за спроведување на јавната набавка, овие осум улици ќе бидат први што ќе се асфалтираат во 2020 година. Тие се дел од најавените 30 улици планирани за изградба во оваа календарска година.