За да помогне во решавањето на проблемите со кои се соочуваат оризопроизводителите, градоначалникот на Кочани Николчо Илијев одржа работна средба со претставници од земјоделските здруженија, кластери, откупувачи и преработувачки капацитети за ориз и индивидуални оризопроизводители од Кочани.
– Имаме проблеми со пристапните полски патишта. Општината и Катастарот можат да ја решат узурпацијата и овие патишта да се пробијат, па земјоделците да имаат пристап со својата механизација. На потешко достапните места треба да се реши протокот на водата до нивите и да се подобри соработката со ЈП Водостопанство „Брегалница“ за чистење и одржување на вадите и каналите – образложија земјоделските претставници.
Градоначалникот Илијев истакна дека Општина Кочани може да им помогне на замјоделците во решавањето на овие проблеми, како и со стручен кадар како поддршка во аплицирањето за механизација од ИПАРД-програмата.
Посебен акцент на средбата беше ставен на проблемот со палењето на стрништа и балирањето на сламата како еден од најголемите проблеми во загадувањето на животната средина.
– Се договоривме откупувачите на ориз да обезбедат спецификации за потребните роло-балирачки и сечкалки за слама за комбајните, кои Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ би ги набавило за поефикасно собирање на сламата за потребите на Пречистителната станица во с. Мојанци. Констатиравме дека со пробивањето на полските патишта и функционирањето на исцедните канали, 80 % од оризовата слама би можела да се собере, а со тоа и да се намали палењето на стрништата – соопшти градоначалникот.
Разговарајќи за состојбите во оризопроизводството, беше потенцирано дека во моментот цената на оризот е реална и се движи од 18 до 26 ден. за арпа и 45 до 50 денари за бел ориз. Исто така беше нагласено дека за поевтино производство потребно е окрупнување на земјоделските парцели и организирање на индивидуалните земјоделци во земјоделски задруги.
Нова средба со оризопроизводителите во поширок состав ќе се одржи на почетокот на идниот месец.