Децата од големата група од објектот „Ѕвездички“ на Детската градинка „Павлина Велјанова“ учествуваа во акцијата за пошумување на дворот што ја организираше Градинката во соработка со Општина Кочани и Комуналното јавно претпријатие „Водовод“.
– Во кругот на објектот засадавме млади туи, брези и гинко билоба, а целта ни е на децата да им го пренесеме значењето на здравата животна средина и да ги научиме да стекнуваат навики за одржување и одгледување на садниците, рече Едита Миткова, директорка на Детската градинка „Павлина Велјанова“.
Со своето присуство, акцијата на најмалите ја поздрави градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев разменувајќи мислења со раководните и со стручните лица за детално планирање на озеленувањето и уредувањето на дворовите во објектите на кочанската градинка.
Во Детската градинка „Павлина Велјанова“, преку програмата „Еразмус плус“ се реализираат неколку проекти поврзани со здравата животна средина со кои децата практично се едуцираат за органско производство и за селекција на отпадот.