Граѓаните на Кочани, учесници на Форумот во заедницата се определија средствата од Швајцарската агенција за развој и соработка во висина од 50 илјади франци да ги наменат за изградба на забавно-рекреативен парк во Основното училиште „Малина Попиванова“.
Учесниците на Форумот беа едногласни при изборот на овој проект, покрај кој се најдоа уште два: дигитализација на библиотечниот фонд во Библиотеката „Искра“ и формирање социјален клуб. Од листата на гласање во последен момент отпадна социјалниот клуб поради ставка којашто проектот финансиски не ја поддржа.
Реализацијата на забавно-рекреативен парк во ОУ „Малина Попиванова“ е со цел да се уреди корисна површина од 10 илјади метри квадратни и да се подобрат условите за социјализација и инклузија на ученици и жители од мултиетничка, мултикултурна и различна социјална средина. Проектот опфаќа изградба на детско игралиште, беседница за настава во природа, амфитеатрално прилагоден терен, патеки, спортско игралиште, забавно-рекреативен простор и игралишта за учениците со посебни образовни потреби. Просторот хортикултурно ќе се уреди со украсно цвеќе, високо зеленило и грмушести единици.
Четвртата сесија од Форумот ја затвори градоначалникот Николчо Илијев, кој се заблагодари на граѓаните на Кочани, на УНДП и на Швајцарската агенција за развој и соработка затоа што Форумот во заедницата овозможува директно учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки на локално ниво, но и за транспарентно и отчетно работење на општинската администрација и зголемување на довербата во локалната самоуправа.
Форумот во заедницата е дел од активностите во рамките на проектот на УНДП – „Зајакнување на општинските совети“. Петтата сесија од Форумот е последователна и ќе се одржи по завршувањето на реализацијата на изгласаниот проект.