– Проблемот трае долго време, но последната година ескалира. Затоа, како членови на Советот, бараме од Техничкиот инспекторат и од Министерството за економија да преземат соодветни активности кон приватниот концесионер, бидејќи досега неколкупати е реагирано од локалните институции, но од надлежните во државата сè уште нема одговор – повика претседателот на Советот Томе Солевски.
Според директорот на КЈП „Водовод“ Андреј Киров се создава сериозен проблем со намалување на статичкото ниво на геотемалната вода.
– Минатата сезона ја завршивме со минус 71,6 м, а по летниот период дојде до минус 55 м. Сега, со почетокот на сезоната, иако Комуналното претпријатие е еден од концесионерите, кога ние не испорачувавме топла вода, а другиот концесионер почна со експлоатација на топла вода, нивото падна за 5 м. Кога и ние ќе почнеме со експлоатација, очекуваме нивото да надмине 75 м што е сериозна бројка и сериозен проблем со што самиот систем може да се доведе во прашање. Истовремено бараме и апелираме до сите надлежни институции, да се вклучат во решавањето на овој проблем на неконтолирано трошење на водата, која приватниот концесионер не ја реинјектира и ја испушта во реката – рече Киров.
Пред одржувањето на прес-конференцијата, градоначалникот Николчо Илијев се сретна со заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули.
– Имавме успешна средба, Министерството за животна средина и просторно планирање ја поддржува консензуалната иницијатива во Кочани за спречување не само на злоупотребите, туку и за спречување на потенцијалното уништување на биодиверзитетот во реката од испуштањето на топлата вода. Ќе побарам вонреден комбиниран инспекциски увид од страна на повеќе инспекторати коишто сите од својата област можат да придонесат во детектирање на проблемот и потоа да се донесат одлуки за негово решавање – соопшти Макрадули.
Градоначалникот Илијев истакна дека веднаш заминува во Министерството за економија каде недвосмислено ќе ги пренесе барањата за решавање на овој проблем кој се провлекува уште од 2012 г.