Со средства од општинскиот буџет, според планираните активности од Програмата за уредување на градежното земјиште, продолжува бетонирањето на неколку улици во Кочани.
Според стручните служби, во моментот се работи на уредување на дел од улицата „Коста Рацин“, потег што беше во лоша состојба која го отежнуваше движењето и на пешаците и на возилата.
Изведувачот на работите, градежната фирма „Портланд“ од Струмица во наредниот период ќе продолжи со бетонирање на кракот помеѓу улиците „Гоце Делчев“ и „Доктор Николиќ“, кај зградата на ЕВН. Според најавите, следува уредување на краци на улиците „Охридска“ и „Искра“ и во селата Грдовци и Оризари.
Летово во Бели беа бетонирани 110 м на улицата „Ѓорѓи Бошков“, која се спои со соседната и се поставија банкини. Исто така беше бетонирана пристапна улица во селото Нивичани, долга 275 м, со ширина од 3 м.
За бетонирање улици и пристапни патеки, во Програмата за уредување на градежно зeмјиште за 2019 година се наменети 3,5 милиони денари.