Мрежата на заштитени подрачја во Брегалничкиот Регион се проширува и се развива. Со Решение на Министерството за животна средина и просторно планирање, три нови локалитети од Истокот се прогласени за природна реткост, меѓу кои е и Дабот благун во кочанското село Бели.
„Природната реткост Даб благун во селото Бели се наоѓа на 1,5 км северозапано од населеното место Бели, на ритчесто возвишение во дворното место на манастирот ‘Св. Илија’, на надморска височина од 576 м, во општина Кочани. Вкупната височина на дрвото е 19 м, а обемот на стеблото на градна височина е 5,9 м. Вкупната крошна на Дабот благун е асиметрична и широко разгранета“, стои во Решението за прогласување на белскиот Даб за природна реткост.
Кочанци веруваат дека Дабот во Бели е стар близу седум века. Оддалеку личи на дланка со раширени пет прсти, која се гледа и од патот за Пониква. Пред дваесетина години најдолгата гранка се скршила и во стеблото се отворила дупка. Дел од него почнал да се суши. Во 2012 година, удар од гром предизвикал пожар на дрвото. И покрај тогашните процени на стручњаци дека белскиот Даб нема да го преживее пожарот, дрвото живее и останува да ја чува историјата на селото.
Заштитата на природната реткост понатаму ќе се спроведува од страна на Општина Кочани, со заштитно-конзерваторски мерки, научни истражувања, континуиран мониторинг за здравствената состојба на дрвото, едукација на локалното население за потребата од заштита и зачувување на природната реткост и негова промоција како туристичка дестинација пред домашната и меѓународната јавност. Според најавите на градоначалникот Николчо Илијев, постои можност за ваквите активности поддршка се добие и од Програмата за зачувување на природата и Швајцарската агенција за развој и соработка.
Покрај Дабот благун, за природни реткости од Брегалничкиот Регион се прогласени и Црната дудинка во Лесново и Карактеристичниот геолошки профил во Ѕвегор. Дабот од Бели, како и дудинката од Лесново се најстари примероци од овие дрвенести видови кај нас и меѓу најстарите дрвја во државата, а профилот во Ѕвегор е едно од најзначајните палеонтолошки наоѓалишта за пикермиската фауна во Европа.
Управувањето на малите заштитени подрачја претставува грижа за природните реткости, можност да се учи за природното минато и да се остави дел од природата зачуван за идните генерации. Подготовката на потребната документација и истражувањата за отпочнување на процесот за прогласување на природни реткости беа поддржани од Програмата за зачувување на природата.